Уште еден фудбалер на Милан под истрага во скандалот за обложување

Истрагата околу италијанскиот скандал на обложување од страна на фудбалери од Серија А продолжува, а најнов осомничен е фудбалерот на Милан, Алесандро Флоренци, кој денеска и официјално добил допис со кој бил известен дека против него се води истрага.

Сандро Тонали веќе беше казнет со десет месеци суспензија поради обложувањето додека ги бранеше боите на Милан (во меѓувреме се пресели во Њукасл), Николо Фаџоли од Јувентус доби суспензија од осум месеци, додека случајот против Николо Заниоло се уште е во тек откако екс-фудбалерот на Рома ги отфрли обвинувањата за обложување на спортски натпревари, инсистирајќи дека ја користел платформата само за играње на покер и блекџек.

Дописот до Флоренци е само прв чекор во случајот против него, се очекува фудбалерот на Милан во следните 48 часа да биде повикан на сослушување, каде ќе се изјасни дали се чувствува виновен, но и ќе одговори на прашањата на истражителите во случајот.

Неофицијално, престапите на Флоренци се слични на оние на Заниоло, па не се очекува фудбалерот на Милан да добие драстична казна како Фаџоли и Тонали.

Се вчитува...