Уште една руска повреда во Вардар

Репрезентацијата на Русија во изминатите денови отпатува на далечен турнир во Аргентина, што може да се покаже како голем проблем за Вардар во следниот период по повредите на неколку ракометари.

Тимур Дибиров поради повреда не отпатува за Јужна Америка, но за време на овој турнир рускиот селектор, воедно и тренер на Вардар, Едуард Кокшаров остана и без помошта на уште двајца ракометари на „црвено-црните“. Павел Атман се повреди на првиот меч од турнирот, а дополнителен проблем за Кокшаров претставува повредата на пивотот Горпишин.

„Првата дијагноза на Горпишин е дека станува збор за повреда на менискусот. Сепак, и тој и Атман ќе одлетаат за Скопје, каде по деталните прегледи ќе биде утврдено колку ќе паузираат од терените“ – изјави Кокшаров.

Јасно е дека отсуството на овие двајца ракометари би било сериозен проблем за новиот тренер на Вардар, кој се обидува да најде излез од резултатската криза по поразите во Лигата на шампионите од Кил и од Веспрем. Во следните две кола од ЛШ „црвено-црните“ ќе се сретнат со Брест Мешков и со Кјелце.

Се вчитува...