Уште една рутинска гостинска победа за Еурофарм Пелистер

Еурофарм Пелистер забележа уште една рутинска победа на гостински терен во ракометниот плејоф, славејќи во Струга со преубедливи 16-30. Избраниците на Бабиќ повторно одиграа на највисоко ниво во одбраната, што им овозможи лесни голови на спротивната страна и нови бодови на салдото, за седми триумф во осмиот овосезонски натпревар.

Стружани денеска успеаја да парираат само дваесетина минути, кога резултатот гласеше 8-8. Битолчани одговорија со серија од 4-0, успевајќи да се одлепат и потоа на одмор да заминат со „плус четири“ (10-14). Второто полувреме гостинските ракометари го почнаа со серија од 9-2, целосно решавајќи го прашањето на победникот. Во последните 14 минути ракометарите на Струга постигнаа само два гола, па битолчани со фуриозна игра стигнаа до убедливи „плус 14“ на натпреварот.

Радовиќ со шест и Мандалиниќ со пет гола беа најефикасни во победничкиот тим, додека прв стрелец на Струга беше Ракочија со пет погодоци.

Се вчитува...