Уште едно „ненормално“ издание на Дончиќ: Нов „трипл-дабл“, нов рекорд на лигата!

Далас славеше по продолжението со 114-110 против Сакраменто во синоќешниот натпревар од НБА лигата, благодарение на феноменалниот Лука Дончиќ кој постојано го извлекуваше својот тим.

Младиот Словенец повторно покажа дека е роден победник завршувајќи го мечот со дури 34 поени, 20 скока и 12 асистенции. Најголема помош имаше од Порзингис кој постигна 22 поени, дополнети и со седум скока, додека Хардавеј заврши исто така со 22 поени.

Со 21 година и 158 дена Дончиќ стана најмлад кошаркар во историјата на НБА лигата кој успеал да стигне до учинок на еден натпревар од 30+ поени, 20+ скока и 10+ асистенции.

Портланд славеше против Хјустон со 110-102, во меч во кој повторно одлична партија демонстрираше Јусуф Нуркиќ, со 18 поени и 19 скока.

Лилард со 21 поен беше најефикасен во тимот на Портланд, а МекКалум постигна 20 поени. Додека на спротивната страна Џејмс Харден беше најефикасен со 23 поени.

 

Се вчитува...