Организаторите на Ролан Гарос се соочија со уште едно значајно откажување откако десеттиот светски рекет, Лоренцо Мусети, денеска го откажа своето учество на францускиот гранслем турнир.
Италијанскиот тенисер се повреди на турнирот во Рим, по што од лекарите му беше препорачана пауза од терените поради која нема да патува за Париз.
„По вчерашниот меч ми беа извршени детални прегледи кои открија повреда на бутниот мускул, поради која ќе морам да мирувам неколку седмици. За жал, тоа значи дека нема да можам да играм во Хамбург и на Ролан Гарос, вест што е многу тешко да се прифати. Голема благодарност до римската публика за поддршката, жал ми е што не бев во можност да дадам 100% од себе поради повредата“, објави Мусети.
Италијанскиот тенисер лани стигна до полуфиналето на Ролан Гарос, таму играше со Карлос Алкараз, но беше принуден да предаде поради повреда при водство на Шпанецот од 2-1 во сетови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
