Уште послабо од првиот меч: Македонија убедливо поразена од Србија

ЕКИПА во Ниш,

Стеван Цаневски

Македонските ракометари денеска повторно загубија од Србија, овојпат со уште поубедливи 33-23, со два порази завршувајќи го двомечот со селекцијата на Србија. Селекторот Кире Лазаров го искористи овој двомеч за да им даде шанса на играчите од Супер-лигата, но не може да се издвои ниту еден позитивен пример што би го издвоиле како кандидат за нешто посериозна улога на претстојниот европски шампионат. Неинвентивноста во нападот повторно беше сериозен проблем, за разлика од првиот меч овојпат Србите немаа толку многу исклучувања, што придонесе да се зголеми и бројот на технички грешки во нашата игра, по што убедливиот пораз беше неизбежен. Србија реално дојде во Ниш со поквалиеттен ростер од нашиот, без многу „ѕвезди“, но со неколку одлични интернационалци, но убедливиот пораз денеска и немоќта во голем дел од двете средби е јасен знак дека состојбата, пред се на бековската линија по пензионирањето на Лазаров и на Миркуловски ќе биде сериозен проблем за кој тешко ќе најдеме решение.

Македонија то стартуваше натпреварот со Кизиќ на голот, Аларов на пивот, Манасков, Ѓорговски и Серафимов во бековската линија и Костески и Кузмановски на крилницте позиции. По пет минути игра резултатот гласеше 3-2 за Србија. Веднаш по тајмаутот следеше промашување од седум метри на Серафимов, по што проблемите во нападот уште повеќе се продлабочија, па во 16. минута Србија поведе со убедливи 9-3. Фијаското продолжи со нови два промашени пенали (Кузмановски и Серафимов), а по исклучувањето на Мишевски домаќините дадоа уште неколку лесни погодоци и стигнаа до плус девет (13-4). Долгата серија од без постигнат гол за Македонија по неколкуте промашени шутеви конечно ја прекина Ѓоргиев, но Србија замина на одмор со убедливи 17-11, по погодокот што пред крајот на полувремето го постигна Марко Мишевски.

Србите на полувремето го сменија голманот, но и резервниот чувар на мрежата Кривокапиќ продолжи со одлични интервенции, во првите три минути запирајќи ги ударите на Ѓоргиев, Костески и на Аларов. Македонските ракометари во првите десет минути од второто полувреме постигнаа четири гола, примија само три, па српскиот селектор Xирона побара тајмаут при водство на домашната селекција од 20-15. Неговие совети вродија со плод, Србија за нецели две минути направи серија од 3-0, па Кире Лазаров беше принуден да побара тајмаут при резултат 23-15.

Домаќините на петнаесет минути до крајот повторно стигнаа до најубедливите „плус девет“ (26-17). Македонските ракометари капитулираа, Србија набрзина стигна и до првото двоцифрено водство (28-18). Избраниците на Џирона имаа и најубедливи „плус единаесет“ (29-18), за Србија умешно да го контролира резултатот до самиот крај и конечните 33-23.

Се вчитува...