Младите едриличари на „Акватика Јахтинг“ од Охрид и ЕК „Снегар“ од Струга забележаа повеќе од успешен настап на Интернационалната регата во Смедерево, Србија.
Најголем успех од сите македонски едриличари оствари Калина Николовска од „Акватика Јахтинг“ од Охрид, која во класата Оптимист, во конкуренција на 41 едриличар од повеќе клубови од Србија, Македонија, Романија и Бугарија, го освои првото место и златниот медал во категоријата на девојчиња до 12 години. Николовска го освои и второто место во вкупна женска конкуренција, како и одличното петто место во генерален пласман.

Успешен настап имаше и Максим Стојкоски, кој го освои третото место во категоријата момчиња над 12 години.
Од останатите едрличари од „Акватика Јахтинг“, во женска конкуренција, Атина Стојкоска го освои шестото место кај девојчињата до 12 години и осмото место во пласманот на сите девојчиња, додека Бора Поповска беше седма до 12 години и деветта во вкупната женска конкуренција.
Во генералниот пласман Калина Николовска заврши на 5. место, Драган Ангелоски на 15. место, Максим Стојкоски на 18. место, Атина Стојкоска на 27. место, а Бора Поповска на 29. место.
Од „Акватика Јахтинг“ посочуваат дека настапот во Смедерево бил уште една значајна можност младите охридски едриличари да стекнат меѓународно искуство и да ги проверат своите способности во силна регионална конкуренција.

Од, ЕК Снегар од Струга, пак, во класата оптимист трето место освои Мартина Салви во категоријата девојки до 15 години, додека Дарија Томаноска ја освои бронзата кај девојчиња до 12 години.

Марко Милески, пак, го освои бронзениот медал во олимписката класа Илка 6.
Награда за најмлад учесник на Интернационалната регата во Смедерево доби Таиса Николовски од ЕК Снегар од Струга.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
