Утешната „европска бронза“ за Барселона

Барселона го освои третото место на фајналфор турнирот од Евролигата во Белград откако каталонскиот гигант славеше на дуелот со Олимпијакос со резултат 84-74. Каталонците го оставија зад себе разочарувачкиот пораз од Реал и предводени од Никола Миротиќ стигнаа до победата над грчкиот состав, кој и покрај огромната поддршка од трибините го заврши настапот на овој фајналфор со два порази.

Барселона фуриозно го почна натпреварот, во кој каталонскиот гигант набрзина поведе со 10-2. Барцокас не побара тајмаут, но Олимпијакос сепак веднаш се врати и намали на 10-7 со тројката на Вокап. Првата четвртина заврши со водство на Барселона од 20-18 со поените на Везенков, а по што тактичкото надмудрување продолжи и во вториот период, по кој на одмор се замина со резултат 45-38, по фуриозниот крај на полувремето на каталонците.

Барса беше подобар ривал и во првиот дел од третата четвртина, во кој избраниците на Јасикевичиус стигнаа и до предност од 15 поени. Слично како и на полуфиналето против Реал, повторно дојде до голем пад на концентрацијата во каталонскиот гигант. Олимпијакос го искористи тоа и на почетокот од последната четвртина намали на само четири поени (64-60). Грците најблиску стигнаа до три поени разлика (67-64), но Барса знаеше како да го приведе мечот до крај и да слави на овој натпревар.

Никола Миротиќ со 19 поени беше најефикасен во редовите на Барселона и на овој натпревар, Шанли реализираше 16 поени, додека Везенков со 20 поени беше прв стрелец на Олимпијакос при денешниот пораз.

Во големото финале на Евролигата денеска во 19часот силите ќе ги одмерат Реал Мадрид и Анадолу Ефес.

Се вчитува...