Утре е „денот Д“ за Родри во Реал Мадрид

Флорентино Перез даде зелено светло, по што клупските директори на Реал Мадрид тргнаа во офанзива – што поскоро да го доведат Родри на „Сантијаго Бернабеу“.

„Кралевите“ чекаа на хируршкиот зафат врз шпанскиот капитен, па штом беше објавено дека паузата на Родри нема да биде премногу долга (неговиот камбек се очекува кон крајот на август) најтрофејниот европски клуб денеска ги стартуваше преговорите со Сити за големиот ас.

Мадридските медиуми најавуваат дека „утре ќе биде денот Д за Родри во Реал“, бидејќи се закажани директни преговори меѓу клубовите во кои „кралевите“ се надеваат дека ќе постигнат целосен договор и ќе добијат зелено светло за да го доведат МВП фудбалерот од последниот мундијал во своите редови.

Родри веќе јасно стави до знаење дека сака да се врати во Шпанија и да го облече дресот на Реал, тој затоа и одбива да потпише нов договор со Сити, а токму фактот дека актуелниот договор му истекува следниот јуни ги става „граѓаните“ во незгодна ситуација, да мораат да го продадат летово, за да не ризикуваат тој во 2027 да си замине без никаква отштета.

Во таборот на Реал владее оптимизам дека може да биде постигнат договор за сума меѓу 40 и 50 милиони евра, па останува да се види дали утрешниот ден навистина ќе го донесе најголемото засилување за тимот на Жозе Мурињо во овој преоден рок.

Се вчитува...