Рокот што Македонската кошаркарска федерација го даде до клубовите должници истекува утре, па екипите кои се дел од мак-баскетот имаат нешто повеќе од 24 часа да ги подмират долговите од изминатата, но и од претходните натпреварувачки сезони што се таложеа изминатиот период.
За потсетување, предводниците на „куќата на кошарката“ беа максимално коректни во целата ситуација, нудејќи попуст од 40% за оние кои ги покрија долговите до 31 мај, додека попустот до 20 јуни изнесуваше 20% на вкупната сума. За жал, овие два термини пројдоа, а на еден ден до последниот рок што значи и „црвена линија“ од федерацијата, се уште има тимови што се наоѓаат во „минус“ и на кои сериозно им се заканува неиграње кошарка во наредната сезона.
Од федерацијата сметаат дека покажале максимално трпение, па ставот е јасен и апсолутно оправдан – финансиска дисциплина мора да постои, а клубовите кои нема да ги подмират обврските нема да добијат лиценца за натпреварување за наредната сезона. Ова е став што беше пренесуван неколку пати изминатите месеци и од кои челниците на мак-баскетот нема да отстапат.
ЕКИПА дознава дека само во машката Супер-лигата, два од десетте клубови кои треба да играат во елитното друштво се уште имаат долгови кон федерацијата, па доколку не бидат подмирени, нема да имаат право за настап во сезоната 2026/27.
Неофицијално, планот е во наредните денови да има состанок на комисијата. по што на почетокот од следната седмица ќе биде објавена и официјалната листа на клубови кои ќе бидат дел од лигите во мак-баскетот за новата сезона.
МКФ од сезонава го намали бројот на суперлигашки од дванаесет на десет, а доколку двата клуба должници не платат и автоматски бидат дисквалификувани за натпреварување, дополнително ќе биде одлучено кој би влегол на нивно место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
