Светската анти-допинг агенција донесе одлука да му дозволи на руското тело задолжено за контрола на допингот повторно да работи. Суспензијата е повлечена по три години. Од 2015, руската анти-допинг агенција беше „под мраз“ поради манипулирањето на примероци во „државно спонзорираниот допинг скандал“ како што тогаш го нарече ВАДА. Девет членови на извршниот комитет гласале за повлекување на суспензијата, двајца биле против.
Очекувано по ваквата одлука имаше бура од реакции од речиси сите влијателни анти-допинг агенции, пред се американската и британската. Американците дури велат дека чувстуваат оти попусто фрлаат пари финансирајќи ја ВАДА кога носи вакви одлуки. Многу спортисти и олимпијци исто така не се согласуваат со ваквото решение. Поранешната олимписка шампионка, Беки Скот дури и се повлече од телото за жалби на ВАДА. Токму ова тело, минатата недела препорача повлекување на суспензијата.
ВАДА се обиде да објасни велејќи дека повлекувањето на забраната за работа е под строги услови и дека агенцијата ќе има пристап до сите примероци од московската лабораторија.
Адвокатот на дошепнувачот на скандалот, Грегори Родченков повлекувањето на суспензијата го оцени како „најголемото предавство кон чесните спортисти во олимписката историја“.
Русите се надеваат дека ова е првиот чекор кон враќање на нивните спортисти на големите натпреварувања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА