Џејкоб Вајли ги надмина здравствените проблеми откако беше позитивен на коронавирус и американскиот центар ќе биде подготвен за настап за македонската репрезентација на претстојниот „балон“ во Перм од квалификациите за Евробаскет 2021. Американецот доби македонски пасош пред турнирот во Талин, но таму беше еден од неколкуте кошаркари на „црвено-жолтите“ што беа позитивни на Covid-19, поради што нашата репрезентација не одигра ниту еден натпревар во Естонија.
Вајли во меѓувреме раскина и со клубот, прекинувајќи ја соработката со шпанскиот прволигаш Гран Канарија и се врати во САД, по што постоеше опасност тој да го пропушти и февруарскиот „балон“. За среќа, тоа нема да се случи, па овој центар ќе му биде на располагање на селекторот Тодоров.
„Со Вајли е се во најдобар ред, тој се наоѓа во тренажен процес и ќе биде дел од македонската репрезентација. Контактирано е, тој ќе пристигне во Скопје од првиот ден на подготовките, со што ќе може уште подобро да се адаптира во составот. Нема дилеми дека со него во тимот ќе добиеме на квалитет, се надевам само дека здравјето ќе не служи сите и комплетни ќе отпатуваме за Русија“, истакна Тодоров.
Македонија во рок од пет дена ќе одигра четири натпревари во Перм, два со Италија и по еден со Русија и со Естонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА