Џејкоб Вајли вчера го одржа првиот тренинг со македонската репрезентација, во пресрет на дебито во црвено-жолтиот дрес што ќе го има в сабота на дуелот со Италија. Американскиот центар имаше можност да ги види на дело репрезентативните колеги, а првите впечатоци се позитивни.
„Го одржавме првиот тренинг и имав прилика да се запознаам подобро со тренерите и со соиграчите. Тимот е составен од искусни репрезентативци, но и од млади талентирани играчи желни за докажување што ми се допаѓа. Ова е борбен тим, тоа е очигледно. Верувам дека тренерот ќе не постави за да постигнеме успех. Верувам дека физичката состојба во тимот е добра, но и дека ќе се подобри во наредните денови. Имаме две многу тешки натпревари против екипи со многу талент, затоа верувам дека нашиот напор и тимска работа ќе бидат клучот во натпреварувањето на овие мечеви со Италија и со Естонија“- вели Вајли во пресрет на квалификацискиот турнир во Талин.
„Црвено-жолтите“ в сабота ќе се сретнат со Италија, по што в понеделник ги очекува пресметка со домаќинот Естонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА