Вајли: Не се двоумев да кажам ДА на Македонија

Американецот Џејкоб Вајли е решението за пополнување на центарската позиција во националниот тим, кошаркарот на Гран Канарија ја заврши процедурата за добивање на македонски пасош, со што ќе му биде на располагање на Александар Тодоров за претстојниот турнир во Талин.

„Во оваа прилика сакам да му се заблагодарам на претседателот на федерацијата, Перо Антиќ, за можноста и за честа која ми е укажана од нивна страна! Јас сум многу благодарен за можноста да помогнам во претставувањето на Македонија заедно со националниот тим. И кога ми беше презентирана идејата да играм за оваа кошаркарска земја, не се двоумев да кажам да. Сакав да учествувам во ова“– изјави Вајли по доаѓањето во Скопје.

Американецот веќе одработи и еден индивидуален тренинг во СРЦ „Кале“, се со цел максимално подготвен да ги дочека пресметките со Италија и со Естонија.

„Не сум се сретнал со моите нови репрезентативни колеги, секако поради овие околности во кои живееме во изминатиот период. Но јас сум доста адаптабилен тип. Мислам дека брзо ќе воспоставиме добри вибрации со соиграчите. Очекувам и јас и моите соиграчи да го дадеме последниот атом на енергија, да вложиме максимален напор, и да тргнеме во она што од нас се бара – да победуваме!“- дополнува новиот Македонец.

Џејкоб Вајли има искуство и од НБА лигата. Во 2017 година, сега веќе новиот Македонец одигра пет средби во дресот на Бруклин нетс. Наредното лето  играше и за Далас маверикс во летната лига. Минатата сезона настапуваше за Панатинаикос, а има искуство од играње во Германија и од далечната Австралија

Лани, новиот „македонски Американец“ одигра 20. натпревари во дресот на Панатинаикос во кои имаше просек од 9.4 поени и 3.7 скока.

Во текот на оваа сезона за Гран Канарија просечно реализира по 9.8 поени и 2.3 скока во шпанската „Ендеса“лига.

 

Се вчитува...