Вајналдум бара 50 милиони евра, ќе се најде ли херој што ќе ги плати

Џини Вајналдум е решен да си замине од Ливерпул како слободен играч, откако холандскиот играч за врска ги прекина преговорите за продолжување на договорот што истекува на крајот од сезонава. Последната понуда од 100.000 евра неделна плата била оценета како навредлива од Вајналдум и неговите агенти, кои се свесни дека како слободен фудбалер тој може да заработи многу повеќе пари во друг клуб.

Интер покажува сериозен интерес за овој играч, но „нероаѕурите“ биле шокирани кога дознале дека за потпис на Холанѓанецот ќе треба да обезбедат неверојатни 50 милиони евра, сума што го прави овој трансфер далеку од „бесплатен“. Вајналдум инсистирал на четиригодишен договор притоа барајќи плата од 10 милиони евра по сезона, а бонус од 10 милиони евра барал и агентот на Холанѓанецот. Антонио Конте гледа во Вајналдум идеално засилување за средниот ред, но Интер се соочува со сериозна криза, се доцни со платите на фудбалерите, па доколку кинеските газди не најдат нов инвеститор во клубот, тешко дека ќе биде одобрен буџетот за доаѓање на Холанѓанецот на „Џузепе Меаца“.

Барселона исто така сака да го доведе Вајналдум во своите редови, но каталонците минатото лето се ослободија од неколку фудбалери кои заработуваа по десетина милиони евра годишна плата и прашање е дали сега ќе се вратат на стариот тренд со кој клубот беше закопан во огромни долгови.

Се вчитува...