Вајс: Импресивно е да се гледа како игра Пандев, во ноември ќе биде интересен меч

Селекторот на Грузија, Владимир Вајс истакна жалење за пропуштената можност да се дојде до победа на гостувањето против Македонија, но нагласи по мечот дека научиле многу нешта од овој натпревар кои ќе им послужат за добра подготовка за финалето од Лигата на нации на 12. ноември во Тбилиси.

„Заслуживме да победиме. Не искористивме убави шанси, а немаше ни прекршок за пенал за Македонија. Во секој случај, не можам да сум среќен затоа што Македонија играше со десет играчи и постигна гол“ – рече Вајс на прес-конференција по мечот, притоа дополнувајќи:

„Што ќе се случи за еден месец не можам да кажам. Денеска игравме обичен натпревар а за еден месец ќе играме финале за настап на ЕВРО. Имаме исто бодови со Македонија изгубивме денеска шанси да бидеме први во групата… Ќе се подготвиме добро за следниот меч на кој ке бидеме домаќини… Македонија играше без Елмас, Барди и уште неколку одлични фудбалери, ние исто така игравме без шест-седум фудбалери така да ова не е реална слика на тоа што ќе се случува во ноември“.

Селекторот на Грузијците истакна огромно воодушевување од играта на Пандев и Алиоски.

„Алиоски беше одличен во првото полувреме, Македонија беше подобра во првиот дел а ние во второто полувреме. Многу научивме од мечот и се надевам дека тоа што го научивме денеска ќе го примениме за еден месец. Морам на крајот сам да кажам дека Пандев е неверојатен фудбалер многу важен за Македонија. Импресиониран сум како го изигра целиот натпревар, посебно на тие негови години“ – истакна Вајс.

Се вчитува...