Вакво газење ќе се памети: МЗТ го понижи Работнички

МЗТ Скопје поведе со 1-0 во финалната серија против Работнички откако „металците“ славеа со убедливи 80-44 во премиерниот натпревар од ова финале, покажувајќи дека се решени да се реваншираат за ланската „метла“, кога со максимални 0-3 беа поразени во финалните дуели. „Центарци“ успеаја да парираат само петнаесетина минути, за потоа МЗТ целосно да доминира на теренот и на крајот заслужено да стигне до победата. Работнички го одигра најкатастрофалниот натпревар во последните години, а неверојатен дебакл на Докузовки и неговите избраници им се случи во последната четвртина, кога за десет минути постигнаа само три поени (сите од линијата за слободни фрлања).

Почетната четвртина му припадна на актуелниот првак, кој предводен од Јанески (осум поени) во еден момент имаше и 10 поени предност (6-16). Шутот од далечина ги служеше избраниците на Марн Докузовски во првите десет минути, во кои погодија пет тројки од девет обиди, завршувајќи го овој период со водство од 14-21. Ситуацијата на теренот се промени во втората четвртина, со влегувањето на Магдевски играта на МЗТ уште повеќе доби на сигурност и во нападот и во одбраната, а кога во ритам влезе и Дамјан Стојановски, домашните кошаркари лесно стигнаа до пресврт. Јанески ја погоди својата трета тројка пред крајот на четвртина, но со звукот на сирената на спротивната страна врати Иванов, па на одмор се замина со 38-32.

Само три минути од второто полувреме им беа доволни на „сино-белите“ да стигнат до своето прво двоцифрено водство (44-34) по поените на Самарџиски. Работнички се обидуваше да се врати, но МЗТ имаше премногу расположени играчи во својот тим за да дозволи камбек на противникот. Третата четвртина заврши со резултат 57-41, а избраниците на Ѓорѓи Кочов продолжија уште поимпресивно во последните десет минути, кога домашниот тренер речиси цела четвртина ја одигра со петмина домашни кошаркари на теренот. Разликата стигна и до 30 поени, па Кочов им даде шанса и на младите Исајловски и Лука Стојановски, за доминација на МЗТ Скопје до самиот крај и триумф со конечни 80-44, период во кој избраниците на Докузовски не погодија ниту еден единствен шут од поле.

Дамјан Стојановски одигра капитенски постигнувајќи 17 поени, а одличен беше и Магдевски, кој имаше 13 поенни и 4 украдени топки. Иванов постигна десет поени за МЗТ, а по девет имаа Вудард, Симоновски и Самарџиски (центарот имаше и 11 скока, две асистенции и две украдени топки). Во таборот на Работнички најефикасни беа Јанески со 13 и Стајиќ со 12 поени.

Се вчитува...