Валенсија пазареше од Хувентуд

Шансите за преселба на Ненад Димиријевиќ во Валенсија осетно се намалија откако шпанскиот евролигаш денеска го комплетираше трансферот на Клемен Препелич од Хувентуд. Словенечкиот репрезентативец имаше зад себе одлична сезона во тимот од Бадалона, каде настапуваше на позајмица од Реал Мадрид. Во меѓувреме неговиот договор со „кралевите“ истече, Препелич на маса имаше неколку понуди од евролигашки екипи, но ја избра онаа од амбициозниот шпански проект.

Препелич имаше просек од 22,3 поени по натпревар и беше избран во најдобрата петорка на Ендеса-лигата, а одлични партии прикажуваше и во Еврокупот. Сепак, Хувентуд немаше финансиска моќ да го задржи Словенецот, кој во следната сезона ќе го гледаме во Евролигата. Препелич доаѓа во Валенсија на местото на Џордан Лојд, кој кариерата ја продолжи во дресот на Црвена Звезда.

Останува да се види како ова ќе се одрази врз иднината на Димитријевиќ, кој беше најблиску до трансфер во Валенсија. Македонецот има уште една година од договорот со Хувентуд, преговорите за продолжување на соработката не се движат во посакуваната насока, а дека и тимот од Бадалона се подготвува за негово заминување најдобра потврда е фактот дека Хувентуд веќе доведе нов плејмејкер за наредната сезона, Феран Басас од редовите на Сан Пабло Бургос.

Се вчитува...