Валверде го стигна Гвардиола, на ред е рекордот на Тата Мартино

Барселона стартуваше феноменално во новата сезона од Примера, бележејќи победи во првите шест кола со импресивна гол-разлика од дваесет постигнати и само два примени гола. Со самото тоа Ернесто Валверде влегува во листата на тренери кои имаат најдобар старт на една сезона на кормилото на каталонскиот гигант, покажувајќи дека е вистински избор за наследник на Луис Енрике.

Победата над Џирона значи и израмнување на најдобриот старт што Пеп Гвардиола го имал со Барса. Тој во сезоната 2009/10 исто така стартуваше со шест победи, но и послаба гол-разлика (17-3), пред серијата да ја прекине на „Месталја“, при ремито со Валенсија од 0-0. Сепак, мора да се истакне дека Гвардиола првиот пораз го претрпе дури во 22. коло од Атлетико, што всушност беше и единствен неуспех на Барса таа сезона во Примера.

Со шест победи стартуваше и Тито Виланова, кој во седмата рунда се сретне со Реал Мадрид на Мурињо и одигра нерешено, 2-2.

Рекордот за најдобар старт на една сезона во Примера го има Тата Мартино, кој во првите осум кола забележа осум победи, со 28 постигнати погодоци и шест примени гола. Серијата на Мартино ја прекина Осасуна со ремито во Памплона од 0-0.

Валверде во следното коло ќе го пречека Лас Палмас, идеална можност за седма победа во низа, но најголемиот предизвик овој тренер ќе го има во осмото коло, кога на 14 октомври ќе му гостува на Атлетико Мадрид.

Се вчитува...