Валверде: Нема да преземам ни најмал ризик кога е во прашање Меси

Барселона пристигна во Милано со максимален бодовен ефект по трите кола во групаата Ц од Лигата на шампионите, а тренерот Ернесто Валверде сака неговиот тим да остане на првата позиција и по утрешниот дуел со Интер на „Џузепе Меаца“. Не очекува поинаков ривал во однос на првиот меч на „Камп Ноу“ што го доби Барселона со 2-0, и истакна дека нема да преземе ниту најмал ризик со здравјето на Лионел Меси.

Аргентинецот пред само две седмици го повреди рамото, но веќе е во составот и можеби и ќе заигра на утрешниот натпревар.

„Има три или четири опции за Лионел Меси. Но, едно е јасно, нема да преземам ниту најмал ризик за неговото здравје. Ќе видиме во текот на утрешниот ден, дали ќе биде дел од тимот. Сите знаеме дека со него сме посилни. Но, го победивме Интер на домашен терен и без помошта на Меси. Не очекувам дека ривалот ќе игра многу различно и свесен сум дека сега ќе ја имаат поддршката од публиката“, изјави Ернесто Валверде.

Се вчитува...