Луј ван Гал е последниот во низата на поранешни тренери и фудбалери на Манчестер Јунајтед кој отворено го критикуваше гигантот од „Олд Трафорд“ за огромниот пад во последните десетина години.
Ван Гал пристигна на клупата на Јунајтед во 2014 година и остана две години во овој клуб, добивајќи отказ само два дена откако го совлада Кристал Палас и му донесе на клубот пехар во ФА Купот на Англија.
„Манчестер Јунајтед веќе не личи на фудбалски клуб. Тоа е еден вид на комерцијален клуб во кој директорите прават бизнис, а тренерите немаат преголемо влијание во одлуките, што е суштински проблем“, изјави Ван Гал.
Холанѓанецот се потсети на неговиот период минат на кормилото на Јунајтед и недоразбирањата што ги имаше со управата. „Црвените ѓаволи“ во првото лето под водство на Ван Гал ги доведоа Ди Марија, Ерера, Фалкао, Блинд и Рохо трошејќи 150 милиони фунти, но искусниот стратег обелодени дека тој не барал ниту еден од овие фудбалери.
„Проблемот постоеше и во мое време. Кога дојдов Јунајтед имаше возрасна екипа со 10 играчи над 30 години, пет од нив над 35. Реков дека мораме да подмладиме, дадов листа на играчи кои ги сметав за идеални засилувања. На крајот, не добив ниту еден од оние фудбалери што ги побарав, туку некои сосема трети. Не верувам дека проблем беа парите, но бев шокиран, бидејќи такви работи не треба да се случуваат во најбогатиот клуб во светот. Во тоа време се вртеа приходи од над 600 милиони фунти, а не се носеа вистинските фудбалери. Ако сакате да ја цените работата на тренерот, најпрвин почитувајте му ги желбите, овозможете му услови формирајќи силен тим, па потоа носете одлука“, истакна прославениот холандски стратег.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА