ВАР доаѓа во Хрватска, ќе го дочекаме ли и во Македонија?

ВАР-технологијата доаѓа и во регионот, откако денеска беше обелоденето дека хрватските судии ќе добијат помош од овој „фудбалски изум“ веќе во текот на оваа сезона. Имено, за 17 јануари во Загреб е закажан состанок со делегации на ФИФА и на ИФАБА, тело задолжено за одредување на правилата на фудбалската игра.

На овој состанок Хрватската Фудбалска Федерација ќе добие одобрување за покренување на процедура за воведување на ВАР, проект чии трошоци изнесуваат меѓу еден и 1,5 милиони долари. Хрватите веќе аплицирале да бидат дел од проектот „FIFA Forward”, со што светската куќа на фудбалот ќе покрие 80% од трошоците за воведување на оваа технологија, а останатите 20% ќе бидат покриени од страна на федерацијата.

Клубовите ќе имаат за обврска да обезбедат просторија за ВАР-арбитрите и целокупната технологија, а секој стадион ќе мора да добие и посебна лиценца за ВАР од страна на ФИФА. Се очекува проектот да се тестира на неколку натпревари веќе во текот на оваа сезона, а официјално да профункционира со стартот на новата натпреварувачка сезона.

Останува дилемата дали и кога ќе го видиме овој технолошки изум и во мак-фудбалот, каде сме сведоци на чести поплаки на арбитражата од страна на поголемиот дел од клубовите. Пари очигледно може да се најдат и преку донација од ФИФА, но рак-рана на мак-фудбалот останува инфраструктурата, бидејќи за ВАР сепак се потребни и нормални стадиони за поставување на доволен број на камери, нешто што делува невозможно на голем дел од терените на кои се играат натпреварите од Првата лига.

Се вчитува...