Вардар без Вујовиќ на клупата лесно го реши Охрид

Вардар рутински стигна до суперлигашки триумф над Охрид од 33-26, на првиот меч откако Веселин Вујовиќ го напушти кормилото на актуелниот првак на Македонија. Тимот на „црвено-црните“ вечерва го водеа Недановски и Петрушевски, во ростерот на „вардарци“ ги немаше браќата Нијокас, како и Кудуз, Диало и Стоилов, но и со таков комбиниран состав фаворитот немаше проблеми да стигне до победата.

„Црвено-црните“ предводени од Тимур Дибиров го контролираа резултатот од самиот почеток, поведоа со 3-1, потоа и со 6-3, за со нова серија погодоци да стигнат и до водство од 14-6. На одмор се замина со позитива на Вардар од осум гола (17-9), по што фаворитот рутински го приведе мечот до крај, за прокнижување на нови бодови на суперлигашката табела.

Дибиров беше главна фигура на овој натпревар со единаесет погодоци, по четири постигнаа Мишевски, Талески и Гаџа, додека најефикасен кај охриѓани беше Кривокапиќ со седум постигнати гола.

Следен предизвик за „вардарци“ е големото дерби што ќе се игра в среда во Битола против тимот на Еурофарм Пелистер.

Се вчитува...