Вардар брка четврта победа во низа против Фленсбург

Ракометарите на Вардар вечерва ќе излезат на мегдан против Фленсбург (20.45 часот, СЦ „Јане Сандански“) во обид да стигнат до првата победа во Лигата на Шампионите. „Црвено-црните“ и покрај доброто издание на премиерата со Мешков Брест претрпеа пораз во Белорусија, по што следеа двете одложени средби, против Елверум и Пик Сегед, со што дефинитивно беше нарушен натпреварувачкиот ритам кај македонскиот шампион.

„За нас ова е прв натревар на домашен терен. Еден месец немаме одиграно натпревар. Флензбург е во предност ако може да кажеме така бидејќи е во натпреварувачка форма. Ние еден месец само тренираме. Одигравме два пријателски натпревари, но не е исто. Она што го очекувам е без разлика на сè машка и борбена игра од наша страна. Го анализиравме противникот. Не сме без шанси иако го победија ПСЖ на гости и не знаат за пораз досега. Ќе се обидеме да излеземе како победници на овој дуел. За мене е важно мојата екипа да биде подобра од она последно издание во Мешков и мислам дека на крај можеме да се радуваме. И Флензбург има проблеми со повредени играчи и нема многу голема ротација, но во моментов се во мала предност поради подобрата натпреварувачка форма што не значи дека ние нема да направиме сè за да излеземе како победници“, истакнува тренерот Алушовски во пресрет на овој натпревар.

На страната на Вардар е и традицијата која вели дека македонскиот клуб славел на последните три дуели со Фленсбург, вклучувајќи ги и двете четвртфинални пресметки за пласман на Ф4 турнирот во Келн во 2017 година.

„После подолго време ни доаѓа натпревар. Флензбург е добро познат ривал кој е во добра форма. Има многу натпревари и веќе е во добра серија и ритам. Кај нас потешко е тоа што еден месец немавме официјална средба. Ќе мораме она што го подготвуваме да го пренесеме на терен и она што сме го работеле на тренинзите и сме го договориле да го одиграме. Мислам дека Флензбург е незгодна екипа која има добра транзиција. Нападот им е премногу брз со премногу добри и брзи ракометари. После еден месец е тешко да се игра бидејќи не знаеме до каде точно ни е формата. Овој натпревар ќе го покаже тоа. Очекуваме поволен резултат. Првпат играме на домашен терен сезонава. Ни останува да се бориме максимално, дисциплинирано и ангажирано за да извлечеме поволен резултат“, смета Гоце Георгиевски.

Домашниот тим единствено нема да може да смета на Томислав Јагуриновски кој имаше позитивен тест на Ковид-19. Сите други се во тренажен процес и ќе му бидат на располагање на Алушовски за вечерашниот натпревар.

Се вчитува...