Вардар брка победа за скок на второто место

Ракометарите на Вардар се надеваат дека на денешниот дуел со Брест Мешков (17 часот, СЦ „Јане Сандански“) ќе ја прекинат црната серија од два порази во Лигата на шампионите и со триумф ќе се искачат на второто место на табелата во групата. Нема сомнеж дека белорускиот претставник со квалитетот е далеку зад Кил и Веспрем, од кои „вардарци“ загубија во претходните две кола, па триумф на овој дуел е императив за потврдување на високите амбиции на актуелниот европски првак.

Ова воедно е можност за новиот тренер, Едуард Кокшаров, да стигне до првата победа во ЛШ, откако пред неколку дена со комбиниран состав триумфираше во СЕХА, над аутсајдерот Пекинг Универзитет. Сепак, рускиот стратег предупредува дека задачата за „црвено-црните“ на денешниот дуел нема да биде нималку лесна

„Екипата на Мешков Брест е квалитетна и тоа го докажа и минатата година во сите натпреварувања. Ние се подготвуваме за овој меч и очекуваме добра игра и наша победа. Преку ноќ не можеме да дојдеме до промена. Потребно е повеќе време за да направиме промени. Ако сакаш набрзина тогаш може да се направи лошо за тимот. Секој од нас сака да дојде до победа. Тоа ни е главната цел и така ќе одиме и понатаму“, изјави Едуард Кокшаров.

„Вардарци“ ќе бидат ослабени поради неиграњето на Атман и Горпишин, кои се повредија за време на настапите за руската репрезентација, каде Кокшаров е селектор.

Сепак, влогот е значаен, бидејќи со бодво денеска не само што се прекинува „црната серија“, туку и се прави скок на второто место во групата, прескокнувајќи ги Веспрем, Кјелце и Монпелје.

Се вчитува...