Вардар доби засилување во битката за опстанок: Хот од Битола се врати во Скопје

Доскорешниот младински репрезентативец на Македонија, Амар Хот во продолжението од сезоната ќе го носи „црвено-црниот“ дрес откако денеска премина во редовите на повратникот во „елитното“ кошаркарско друштво Вардар.

Дваесетгодишниот крилен центар кој потекнува од младинската школа на Феникс 2010 доби сениорска шанса во овој скопски тим, но изминатото лето се одлучи за преселба во Битола со цел настап во АБА2 конкуренцијата.

Хот за Пелистер одигра 10 натпревари на меѓународната сцена каде забележа просек од 2.3 поени и 2.2 скокови за нешто повеќе од 12 минути поминати на теренот, додека на домашниот фронт во просек бележеше 20 минути на паркетот, период за кој постигнуваше 6.9 поени и 6.1 скок.

Очекувањата за младиот кошаркар кој се најде и на поширокиот список на Александар Јончевски за престојните Евробаскет квалификации се големи во Вардар и со тоа воедно скопскиот тим доби големо засилување во битката за опстанок.

Се вчитува...