Вардар добива нов успешен бизнисмен за претседател – преговорите се во завршна фаза

Михајло Михајловски уште на прес-конференцијата по загубеното место на Вардар во Лигата на Шампионите откри дека е подготвен да се повлече доколку на негово место пристигне нов бизнисмен што успешно би го раководел клубот. ЕКИПА дознава дека разговорите се во завршна фаза, а нов претседател на РК Вардар во блиска иднина би требало да стане Ванчо Чифлиганец.

Станува збор за исклучително успешен македонски бизнисмен, но и човек што важи за спортски вљубеник кој е подготвен да помогне „црвено-црните“ повторно да застанат на здрави нозе. Разговорите меѓу Михајловски и Чифлиганец се наоѓаат во напредна фаза и наскоро се очекува да биде постигнат целосен договор, со што „вардарци“ би добиле дополнителна сигурност за оваа, но и за инвестициите за наредните сезони.

Михајловски, кој му помогна на клубот кога беше најтешко по колапсот предизвикан од Сергеј Самсоненко, ќе остане во Вардар, но ќе има поинаква улога, нешто што актуелниот прв човек на клубот го најави на прес-конференцијата пред еден месец.

Што се однесува до финансиите, Вардар извиси кога станува збор за финансиска помош од Град Скопје, но затоа се очекува значителна помош за буџетот на „црвено-црните“ да пристигне од Општина Кисела Вода, чии челници се подготвени да застанат зад црвено-црниот ракометен проект.

Се вчитува...