Вардар добро почна, па застана – Киелце води на полувреме

Вардар ќе брка негатива од три гола во второто полувреме од домашниот дуел со Киелце откако „црвено-црните“ не можеа да го издржат силното темпо што самите го наметнаа од почетокот на мечот. Оние „плус четири“ брзо се истопија, во продолжението во извонредна серија влезе и гостинскиот голман Андреас Волф, па резултатот по 30 минути игра гласи 13-16.

Дуелот почна со одлична одбрана на Борко Ристовски при обидот со цепелин на Гебала. Јотиќ беше расположен на стартот, постигнувајќи ги првите два гола за Вардар на мечот за прво водство од 2-1. Карачиќ влезе во серија грешки, а Вардар знаеше како да го искористи тоа и да поведе со 4-1 со погодокот на Чупиќ. Талески погоди во празна мрежа и донесе предност од најубедливи 5-1, Киелце набрзина се консолидираше и на истекот на 12. минута намали на 7-6, целосно враќајќи се во натпреварот.

Јотиќ почетнички загуби топка, по што Полјаците од контранапад лесно реализираа за израмнување. „Црвено-црните“ за момент повторно стигнаа до плус 2, но гостите влегоа во серија и преку Душебајев во 20. минута стигнаа до 9-10, нивно прво водство по почетните 0-1. Во ритам кај гостите влезе и Алекс Душебајев, а по водството на Киелце од 10-12 и исклучувањето на Талески, Стевче Алушовски беше принуден да го земе првиот тајмаут.

На голот на Вардар застана Кантагрел, но работите на теренот не се променија, Волф беше голманот што правеше разлика на теренот, па Киелце имаше 11-14, резултат при кој гостите со неколку почетнички грешки пропуштија да стигнат и до поубедлива предност. Дибиров со извонреден лоб удар намали на 12-14, но полскиот првак беше подобар во последните минути и на одмор замина со предност од 13-16, по голот на Стоилов на пет секунди до крајот на полувремето.

Се вчитува...