Вардар создава моќен тим со кој ќе се бори во Лигата наа Шампионите, но „црвено-црните“ паралелно со тоа инвестираат и во иднината, потпишувајќи договор со кадетскиот репрезентативец на Македонија, Марко Ѓорчески.
На наше огромно задоволство, денес, успеавме да го обезбедиме потписот на кадетскиот репрезентативец Марко Ѓорчески, кој во иднина ќе го носи дресот на РК Вардар 1961 и ќе му се приклучи на првиот тим.
Ѓорчески настапува на левата бековска позиција и ги покрива централните позиции во одбраната. Тој е дел од кадетската репрезентација на Македонија и беше еден од најдобрите играчи во генерацијата која го освои училишното првенство кое неодамна се одржа токму во нашата држава.
Својата кариера ја започна во академија Алушовски, а потоа беше дел од Металург, Скопје, Голден Арт и Пролет.
“За мене е особена чест и задоволство што станав дел од РК Вардар. Ова е сон на секој млад ракометар. Вардар е голем клуб со богата традиција и високи амбиции. Ќе дадам се од себе за да ја оправдам довербата на клубот, тренерите и навивачите. Со нетрпение го очекувам стартот на новата сезона, за мој максимален придонес за успесите на тимот”- изјави Ѓорчески.
Со овој потпис, продолжуваме во своите намери во иднина најдобрите млади играчи во државата постепено да ја добиваат својата шанса во првиот тим, каде ќе добијат простор и соодветен третман да го трасираат својот пат во врвниот ракомет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
