Вардар е без триумф над ПСЖ, но магијата во Келн урива се!

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Денешното финале меѓу Вардар и ПСЖ (18 часот) е трет меѓусебен дуел во историјата на овие два клуба. Првиот меч беше одигран во рамките од групната фаза од ЛШ, кога „вардарци“ со фантастичен камбек успеаја да спасат бод (24-24) на домашен терен во СЦ „Борис Трајковски“. Гостите имаа предност од четири гола на помалку од десет минути до крајот, но „црвено-црните“ одиграа фуриозно во финишот и со головите на Душебајев и на Карачиќ стигнаа до бод.

Чипурин со шест гола беше најефикасен кај Вардар, пред Дибиров и Карачиќ со по пет погодоци, а прв стрелец на ПСЖ беше Хансен со седум гола, пред Хрватите Вори и Копљар со по четири.

За разлика од мечот во Скопје, „светците“ не дозволија никакво изненадување во Париз, кога во рамките од последното коло во групната фаза го декласираа македонскиот клуб со 35-25. Првото полувреме од оваа средба заврши 15-12, за отпорот на „црвено-црните“ да биде скршен во вторите 30 минути, кога ПСЖ стигна и до двоцифрена предност. Хансен повторно беше најефикасен кај ПСЖ со пет погодоци, исто колку и Гарсија, додека кај Вардар најдобри стрелци беа Карачиќ со седум и Прибак со пет гола.

Во однос на овие две средби, одиграни во сезоната 2013/2014, и двата тима имаат значителни промени во составот. Така, „преживеани“ од тој тим на ПСЖ се Хансен, Абало и Нарсис, сега посилни за браќата Карабатиќ, Омејер, Генсхајмер…

Што се однесува до Вардар, „староседелци“ од дуелите со ПСЖ остануваат Стоилов, Дибиров, Душебајев, Абутовиќ и Карачиќ.

Јасно е, ова е финале, меч во кој се испишува нова историја, па кога Вардар првпат по десет меча без триумф успеа да ја совлада Барселона, нема причина зошто денеска да не биде и „трета среќа“ против ПСЖ.

Се вчитува...