Вардар е „десет од десет“ во Супер-лигата, лесни бодови и во Пролет

Перфектната серија на Вардар што трае од почетокот на оваа суперлигашка сезона продолжи и на денешниот дуел со Пролет, на кој „црвено-црните“ славеа на гостински терен со резултат 27-36. Домашниот тим умешно парираше речиси цело полувреме, но „вардарци“ не дозволија изненадување, демонстрирајќи квалитет и искуство за заслужено да прокнижат нови суперлигашки бодови и да се зацврстат на врвот на табелата.

Пролет одигра на највисоко ниво во првите 25 минути, домаќините последен пат водеа 6-5, но потоа се играше гол за гол се до 13-13. Во завршницата од полувремето Вардар конечно успеа да се одлепи и со двата гола на Малус да замине на одмор со 16-20. Тоа беше најава за уште подобро издание на лидерот на табелата во второто полувреме, „вардарци“ набрзина поведоа со 19-27 и практично ги разрешија сите дилеми околу победникот, рутински приведувајќи го мечот до крај.

Јака Малус со девет гола беше главна фигура во победничкиот тим, седум постигна Хорига, додека Стоилевски и Палевски со по пет гола беа најефикасни во таборот на Пролет.

Вардар во следното коло ќе има далеку посериозен предизвик, ако се знае дека „црвено-црните“ ги очекува дерби дуел со Алкалоид.

Се вчитува...