Вардар е на два чекори до нова титула – лесна и убедлива победа над Пелистер 2

Вардар е многу блиску до нова шампионска титула, откако „црвено-црните“ славеа со убедливи 34-23  на дуелот со Еурофарм Пелистер 2, задржувајќи ја предноста од еден бод пред првиот тим на битолчани во трката за титулата, на две кола до крајот на сезоната. Вториот тим на битолскиот клуб им создаваше огромни проблеми на „вардарци“ во текот на сезонава, но денеска приказната на теренот беше сосема поинаква, актуелниот првак од самиот почеток наметна темпо што гостите не можеа да го следат рутински стигнувајќи до победата.

Се беше решено по само десетина минути игра во СЦ „Јане Сандански“, откако по фуриозниот почеток Вардар набрзина поведе со 8-2. Избраниците на Александар Јовиќ немаа сили да се вратат, Вардар рутински го контролираше резултатот до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со убедливи 17-9. „Црвено-црните“ првото двоцифрено водство на мечот го имаа кон средината на вториот дел, поведувајќи со 24-14, одржувајќи ја разликата над десет гола до самиот крај и конечните 34-23.

Талески и Дибиров со по шест гола беа најефикасни во таборот на Вардар, четири погодоци постигна Ѓукиќ, додека во таборот на гостите најефикасен беше Димитриоски со седум постигнати гола.

Се вчитува...