Вардар е на „минус три“ – нападот очаен, голманите надвор од ритам

ЕКИПА во Келн,

Симон Котларов

Вардар ќе мора да брка негатива од 11-14 во второто полувреме од натпреварот со Монпелје откако францускиот тим одигра многу подобро во првите 30 минути во „Ланксес арена“ во Келн. „Црвено-црните“ се предалеку од посакуваниот ритам, и Штербик и Милиќ не можат да ги запрат налетите на Французите, но главниот проблем е во нападот, каде „вардарци“ немаат одговор за бедемот на Монпелје.

„Црвено-црните“ тргнаа со препознатливата зона 5-1 во одбраната, со Канелјас како најистурен во зоната, а Криштопас и Мораеш како поддршка за Абутовиќ. Сепак, проблемот на стартот беше во нападот, па Вардар во првите осум минути постигна само еден гол, и тоа од пенал преку Чупиќ (1-3). Првиот гол од игра „вардарци“ го псотигнаа во 11. Минута откако Дибиров одлично се спушти на втор пивот, па без проблеми го совлада Жерар за 3-4. По тој погодок се влезе во серија брзи голови на двете страни, за Вардар преку Мораеш во 14. минута да стигне до првото водство (7-6).

Абутовиќ заработи исклучување, а со тоа се појавија и проблемите за Вадар, најпрвин Монпелје израмни, а веднаш потоа исклучен беше и Чупиќ, во обид да спаси гол од противничката половина. Французите експресно казнија и поведоа со 7-9, па Раул Гонзалес беше принуден да побара тајмаут. Штербик беше тотално надвор од ритам, па по голот на Ричардсон за 9-11 на голот на Вардар застана Милиќ. Во 25. минута Вардар остана со двајца ракометари повеќе, Канелјас намали на 11-12, но потоа Марсениќ промаши зицер за израмнување.

Во интересна завршница на полувремето Канелјас промаши зицеер, а Порт беше на вистинско место и  со гол во последната секунда го донесе Монпелје на „плус три“ (11-14).

Јасно е дека Вардар мора да одигра многу подобро доколку сака да направи пресврт, особено во нападот каде Раул Гонзалес и неговите избраници немаат одговор за францускиот бедем.

Се вчитува...