Вардар е нокаутиран – минус десет на полувреме со Веспрем

Вардар се наоѓа на добар пат уште на првиот меч да ја загуби битката во осминафиналето од Лигата на Шампионите, откако македонскиот првак одигра катастрофално прво полувреме и губи со убедливи 11-21 од Веспрем. Овие триесет минути минуваат во апсолутна доминација на гостите од Унгарија, „вардарци“ покажуваат немоќ и во нападот и во одбраната, па доколку не дојде до некој супер-пресврт во второто полувреме „приказната“ во овој двомеч ќе заврши уште во Скопје.

Цврстата одбрана на Веспрем им создаваше проблеми нана „вардарци“ во првите два напади, но веќе во 4. минута Унгарците добија две исклучувања (Нилсон и Борозан). Гаџа изреагира почетнички и направи пробивање со двајца играчи повеќе на терен, па Штрлек со својот втор гол донесе водство на гостите од 0-2. Гоце Георгиевски во петтата минута беше стрелец на првиот гол за Вардара, со прекрасен лоб преку Коралес, но Веспрем продолжи да доминира и во 10. минута преку Лекаи поведе со 2-5.

При 3-6 „црвено-црните“ повторно добија шанса „шест на четири“, по исклучувањата на Борозан и на Јахија, но Вардар не успеа да се приближи ниту во овој период (1-1 во наредните две минути), па Алушовски беше принуден да побара тајмаут кога неговиот тим се најде во негатива од 4-8 на половина од првото полувреме. Тренерот на Вардар се обиде и со „седум на шест“, но веднаш беше казнет со гол во празна мрежа на Јахија за 4-10. Со играч повеќе беа постигнати неколку погодоци, но Јахија погодуваше на спротивната страна и ја одржуваше убедливата предност на гостите, Мораеш погоди за 7-14, а Алушовски беше принуден да побара нов тајмаут.

Сепак, доминацијата на гостите продолжи и со пеналот на Маргуч гостите стигнаа и до првото двоцифрено водство (9-19), за на одмор да се замина со преубдливи 11-21 за Веспрем.

Се вчитува...