Вардар е раштиман оркестар: Му треба „прва виолина“ и(ли) нов „диригент“

Вардар е во криза, и тоа нималку мала откако „црвено-црните“ загубија од вториот тим на Еурофарм Пелистер, прв пораз на домашната сцена сезонава како надоврзување на трите неуспеси во низа во Лигата на Шампионите. Битолчани вчера славеа апсолутно заслужено, водејќи од почеток до крај, покажувајќи квалитет, но и зрелост да блеснат во последната минута кога Вардар им се врати од „минус пет“, но Јовиќ и неговите млади пулени најдоа начин да го натераат шампионот на капитулација.

Нема дилема, Вардар на теренот изгледа како расштиман оркестар, проблем што се повторува веќе неколку натпревари и за кој Веселин Вујовиќ делува како да нема одговор. Вујо на воведната прес-конференција на стартот од сезоната најави дека кога ќе се победува, тоа ќе го прават играчите, а кога ќе се губи, одговорноста ќе оди кај него. Зборовите станаа празни муабети веќе по поразот од Кил, откако Црногорецот гласно им порача на „некои играчи дека ако не играат како што треба нема да го дочекаат крајот на сезоната“ во Вардар. Повеќе од јасно е дека незадоволството се однесува на бековската линија, исто така е нормално да треба време за воигрување бидејќи станува збор за играчи кои никогаш досега не биле заедно, но она што загрижува е што наместо напредок, надворешната линија на „вардарци“ делува се полошо од меч во меч.

Првите натпревари недостатоците беа покриени со извонредните погодоци што ги постигнуваа браќата Нијокас, но на сите требаше уште тогаш да им биде јасно дека доколку Французите беа способни да играат на такво ниво низ целата сезона, ќе беа лидери во своите тимови со години наназад, а не „епизодисти“ кои дојдоа во Македонија само за да си ја исполнат дамнешната желба – да играат во ист клуб пред да ја завршат кариерата. Беше прашање на време кога ривалите ќе се подготват да ги неутрализираат атрактивните бекови, а кога го сторија тоа и кога Кевин и Оливие повеќе грешат во додавања отколку што погодуваат шутеви, проблемот со неинвентивноста во нападот на „црвено-црните“ стана уште поочигледен.

Вујовиќ во вакви моменти има само едно решение – „седум на шест“, кое повеќе се чини како изнуден отколку суштински одговор за проблемот кој е очигледен. Затоа што во „седум на шест“ пресуден фактор мора да биде дисциплината во играта, а токму тоа му недостига на Вардар. Бевме сведоци на тоа и вчера во Битола, кога во клучниот напад при 26-25 „вардарци“ ја загубија топката, а Еурофарм Пелистер 2 со лесен гол во празна мрежа стави печат на големата победа.

Играчките недостатоци во тимот се очигледни, но дел од вината сигурно е и кај самиот тренер, кој учествуваше во селекцијата на засилувања од кои сега не може да го извлече максимумот. Вујовиќ дојде назад во Вардар како легенда и миленик на навивачите, но и нему мора да му биде јасно дека нивото на клубот и очекувањата на навивачите не се истите од пред десет години кога најважно беше да се победи Металург во мечот за титула. Вардар е двократен европски првак, од него се очекува и квалитет, но што е уште поважно – шампионски карактер дури и кога се губи.

А „Вујо мајсторе“ барем засега воопшто не одговара на предизвикот да го води овој Вардар. Дека на „црвено-црните“ им треба „прва виолина“ што ќе го поправи впечатокот на овој „расштиман оркестар“, тука нема никаква дилема. Но, од натпревар во натпревар проблемите стануваат се поголеми, па ако состојбата не се подобри набрзо ќе се бара и нов „диригент“. Михајло Михајловски и Веселин Вујовиќ – оваа комбинација беше добитна до пред десетина години, но на претседателот му е јасно дека сите очекуваат далеку подобар Вардар од оваа што ја гледаме на последните натпревари. А Михајловски е доволно искусен за да знае дека во вакви ситуации кога „летаат глави“, прв на листа е тренерот, без разлика што тој им се заканува на играчите дека тие нема да го дочекаат крајот на сезоната како дел од „црвено-црното семејство“, свесен дека и самиот се соочува со истиот ризик.

Се вчитува...