Вардар ги откажа ПЦР-тестовите, се одлага мечот со Пик Сегед!

Натпреварот од третото коло во Лигата на Шампионите меѓу Пик Сегед и Вардар што требаше да се игра в четврток ќе биде одложен, одлука што ЕХФ ќе ја официјализира до крајот на денот. Причината е новиот позитивен случај на Covid-19 во редовите на унгарскиот првак, чии ракометари се наоѓаат во самоизолација во исчекување на резултатите од најновите тестирања врз нив.

„Црвено-црните“ за утринава имале закажано ПЦР-тестови, кои се задолжителни пред секое гостување за да може да се влезе во друга европска држава. Сепак, по најавите кои биле добиени од ЕХФ била донесена одлука тестирањето да биде откажано, јасен знак дека „вардарци“ не планираат да летаат за Унгарија во текот на утрешниот ден, нешто што ќе беше неопходно ако мечот се играше в четврток.

Европската куќа на ракометот минатата седмица го одложи дуелот на македонскиот првак со Елверум, а како што стојат работите „црвено-црните“ ќе имаат уште еден одложен натпревар. Како опција се споменува и натпреварот да биде одигран в сабота, за Вардар потоа да нема пренатрупан распоред кога ќе стартува и со настапи во СЕХА-лигата, но се ќе зависи од бројот на новозаразени ракометари при најновото тестирање на унгарскиот клуб.

Во текот на денешниот ден се очекува ЕХФ да се јави и со официјална потврда на информацијата, при што се очекува да биде веднаш наведен и новиот термин за одигрување на овој натпревар.

Се вчитува...