Вардар ги “грабна” браќата Нијокас од Металург!

Француските ветерани Кевин и Оливие Нијокас ќе настапуваат во македонското првенство, но не во Металург како што беше најавувано, туку во дресот на РК Вардар. „Црвено-црните“ бараа нови играчи со кои дополнително би бил засилен играчкиот ростер, a во француските интернационалци добиваат ракометари со искуство од настапи во Лигата на Шампионите, нешто на што тренерот Вујовиќ инсистираше во изминатиот период.

Французите уште во текот на ланската сезона пристигнаа во Скопје потпишувајќи договори со Металург кои требаше да станат валидни од стартот на летово. Тие дојдоа на подготовки во Автокоманда, во меѓувреме беа и позитивни на коронавирус, но по излегувањето од изолација стана јасно дека работите не се во нормала, туку браќата бараат излез од договорот за да си заминат од клубот.

Преговорите се во завршна фаза и се очекува Вардар во најскоро време да го комплетира овој трансфер од Металург, се со цел двајцата ракометари да одржат неколку тренинзи со новиот тим и да бидат во комбинација за натпреварот со Елверум во Лигата на Шампионите.

Со двајцата искусни играчи „вардарци“ уште повеќе добиваат на квалитет, додека Металург очигледно ќе има проблеми на стартот од сезоната останувајќи без двајцата ракометари кои заедно со Хорват требаше да бидат носители на играта на тимот на тренерот Марковски.

Се вчитува...