Македонскиот првак Вардар и официјално од денеска е посилен за своето руско засилување, Максим Максимов, чија регистрација беше спорна поради несогласувањата со неговиот поранешен тим Тракаи од Литванија. Но, откако ФИФА издаде провизорен сертификат, Максимов денеска мина низ рацете на Регистрациската комисија при ФФМ и сега има право на настап на саботното дерби против Шкендија.
Сега останува да се види дали тренерот Чедомир Јаневски ќе му даде шанса за настап на Максим Максимов, кој веќе подолг период тренира со екипата, но немаше право да игра натпревари. Русинот ќе биде засилување за „вардарци“ за првенството и за Купот на Македонија, но нема да игра на мечевите во Лигата на Европа, затоа што не беше навреме регистриран под закрилата на УЕФА.
Дербито меѓу Вардар и Шкендија е на програмата в сабота, со почеток во 14.30 часот, на арената „Филип Втори“, во рамките на десеттото коло од Првата фудбалска лига на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА