Вардар го добива ривалот – ПСЖ, Веспрем или Барселона

Ракометарите на Вардар денеска точно на пладне ќе го дознаат името на ривалот со кого ќе се сретнат во полуфиналето од Лигата на шампионите, на Ф4 турнирот во Келн што ќе се одржи на 3 и на 4 јуни. „Црвено-црните“ остварија историски успех со пласманот на овој фајналфор, но со самото тоа и амбициите пораснаа, па Раул Гонзалес и неговите избраници се решени да се обидат да направат уште најмалку еден чекор напред, па на 4 јуни да го играат големото финале во Келн.

Потенцијалните ривали се екипи од самиот европски врв, Барселона, ПСЖ и Веспрем. Од трите гиганти, се чини дека за „вардарци“ најпосакуван е Веспрем, со оглед на фактот дека сезонава веќе покажаа дека знаат како да го совладаат унгарскиот ракометен џин, најпрвин во лигашката фаза од СЕХА, а потоа и во големото финале од регионалното натпреварување. „Црвено-црните“ минатата сезона одиграа два тесни меча и претрпеа два порази од Барселона, а на хартија најмоќно делува ПСЖ (тим предводен од Карабатиќ, Хансен, Генсхајмер…), кој пак има премногу осцилации во играта во текот на натпреварите.

Едно е јасно – кого и да добијат за противник македонските шампиони ќе имаат пеколно тешка задача, но „вардарци“ со игрите во текот на целата сезона покажаа дека се тим од највисока класа способен да се носи, но и да ги победува најдобрите во Европа.

Се вчитува...