Вардар го освои Купот на Македонија по 12.пат

Победничкиот пехар во ракометниот Куп на Македонија останува кај Вардар четврта сезона по ред. Вардарци ја потврдија улогата на фаворит и без многу напор славеа победа против Еурофарм Работник со 26-31 (13-16)во денешното финале од Купот на Македонија што се одигра во салата „Младост“ во Битола. За „црвено-црните“ ова е вкупно 12.титула во Купот на Македонија во историјата на клубот и втора титула за „црвено-црните“ сезонава по триумфот во регионалната СЕХА лига. Воедно, ова е и добро загревање за избраниците на тренерот Раул Гонзалес пред финишот на сезоната на Ф4 турнирот во ЛШ во Келн. Како што најави, Гонзалес во финалето настапи со комбиниран тим, со само 13 играчи, без Вуко Борозан и Мијајло Марсениќ кои добија поштеда по настапот во полуфиналето, а Арпад Штербик остана на клупата. Но, тоа не беше пречка Вардар лесно да стигне до триумф и да го подигне победничкиот пехар во Купот.

kup finale 2

Еурофарм Работник во своето прво финале и деби настап во завршницата на Купот, настојуваше достојно да му парира на големиот фаворит на спротивната страна. Понесени од желбата и од  поддршката од битолската публика, домаќините на Купот во првото полувреме на неколкупати дојдоа до минимално водство (3-2, 5-4, 7-6) и беа во резултатска рамнотежа во првата четвртина од натпреварот. Нападот на Еурофарм Работник во овој дел од финалето го предводеше бекот Горан Крстески кој со четири гола во серија ги држеше домаќините во водство. На спротивната страна исто така со четири погодоци по ред одговори Алекс Душебаев. Со четвртиот погодок на шпанскиот репрезентативец, Вардар поведе со 7-8, а потоа „црвено-црните“ брзо направија серија од 4-0 и се одлепија на 7-10. Падна темпото на битолскиот тим, а Вардар тоа го казни со уште една мини серија за највисоки +5 (8-13). На одмор „црвено-црните“ замина со предност од 13-16.

rabotnik vardar7

Доминацијата на Вардар продолжи и во вториот дел. Еурофарм Работник намали на два гола разлика по првите четири минути (16-18), но тоа беше и максимум што можеше да направи битолскиот тим во овој дуел. Вардарци рутински ја полнеа мрежата на противникот и за неколку минути дојдоа до највисоки +7 поведувајќи со 16-23. И тука , практично веќе беше решен победникот во ова Куп финале.

bitola rabotnik3

Во последната четвртина од натпреварот „црвено-црните“ влегоа со предност од 19-26 и рутински ја одржуваа позитивата до крај. Еурофарм Работник и покрај силата на противникот со својата борбеност и неколку атрактивни голови, достојно го одигра своето прво финале во Купот на Македонија.  Мирно, рутински и без многу драма во финишот, Вардар славеше сигурна победа во ова финале со конечните 26-31     и го одбрани престижниот пехар.

Најефикасен  во составот на Вардар беше Иван Чупиќ со осум гола, а Страхиња  Милиќ го заврши натпреварот со 15 одбрани на голот на Вардар. Тимот на Еурофарм Работник во првото Куп финале го предводеа Филип Чурлевски со сеум и Горан Крстески со четири гола, а забележителен настап во домашниот тим имаше и голманот Градимир Чаневски кој покрај 11 одбраните запиша и два погодоци.

Се вчитува...