Вардар го преживеа „охридскиот пекол“ и остана перфектен во Суперлигата

Ракометарите на двократниот европски шампион Вардар остануваат перфектни во домашното првенство откако вечерва во дерби натпреварот од денешната понуда од 13. коло во Суперлигата славеа на гостувањето кај одличниот ГРК Охрид со 26-28.

Натпреварот почна израмнето. И двата тима ни прикажаа одлична цврста игра во која за нијанса подобри беа гостите кои на пауза заминаа со минимална предност од 13-14. Избраниците на Иван Чупиќ подобро го отворија второто полувреме па брзо стигнаа до четири голови предност 15-19.

Во 48. минута по еден несрпетен фаул директен црвен картон доби ракометарот на гостите Јанковски и ги остави своите соиграчи на цедило при резултат 19-23. И покрај резултатската предност Охрид не успеа да се врати во игра, а на девет минути до крајот на мечот Вардар стигна и до највисоките плус пет 20-25. Охриѓани заиграа за нијанса подобро во следниот период па на три и пол минути до крајот успеаја да намалат на три разлика 23-26.

Сепак, „црвено-црните“ успеаја да го приведат мирно мечот до крајот и да стигнат до конечен триумф од 26-28. Дмитро Хорига со осум гола беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените Стрмљан, Иванковиќ, Ѓукиќ и Крсманчиќ постигнаа по пет гола.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...