Ракометарите на Вардар стигнаа до нова победа во елитното македонско натпреварување откако согласно со очекувањата без потешкотии славеа на натпреварот против Охрид со 32-25.
Вардар текот на мечот го најави уште од самото отварање кога стигна до преднсот од пет гола (10-5), а оваа позитива ја задржа и на полувремето за 19-14. Вториот дел не донесе промени, искусните домашни ракометари умешно ја одржуваа позитивата и останаа перфектни и по 12. одиграни меча.
Со осум гола лидер на Вардар беше Манасков, а него го следеа Моралес и Талески со по шест гола. Осум гола за Охрид постигнаа Бојаниќ и Озтурк.
На убедлива победа се радуваше и составот на Алкалоид кој на гостински терен славеше против Струга со 29-44, рехабилитирајќи се од поразот забележан на претходниот меч против фаворизираните „црвено-црни“.
Избраниците на Лазаров немаа потешкотии уште од самото отварање на мечот. Рано стигнаа до позитива која во еден момент изнесуваше и +7 со двојно повеќе постигнати гола од домаќинот, а добрата игра продолжи и до крајот на мечот за перфектно второ полувреме и нов триумф кој за скопскиот состав е десетти во сезоната.
Маркоски ја предводеше Струга со осум гола, а Бугариновиќ додаде седум. Осум гола за Алкалоид постигна Серафимов, додека по седум додадоа Кофиловски и Петковски.
Во следното коло Вардар на домашен терен го пречекува тимот на Куманово, додека Алкалоид ќе се сретне со Вардар Неготино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА