Вардар и Ливерпул – казнена експедиција за „самобендисаната“ Барса

Приказната е игра, само спортот е различен кога е во прашање Барселона. И во фудбал и во ракомет каталонците го одиграа полуфиналето со фантастично прво полувреме. И помислија дека се е готово, очигледно без да ја знаат најважната спортска лекција – натпреварите се играат до последната секунда, бидејќи чуда секогаш се возможни.

Го покажа тоа Ливерпул, кога по оние 3-0 на „Камп ноу“ беше отпишан, а каталонците почнаа предвреме да се радуваат што новиот трофеј во ЛШ ќе го кренат токму во Мадрид. И се случи чудо, 4-0 на „Енфилд“, во натпревар во кој Меси и соиграчите не знаеја што ги снашло, па каталонскиот гигант шокиран се врати дома.

А ракометарите дефинитивно не ја научија лекцијата од своите фудбалски колеги, па по само триесет минути игра почнаа да ја слават победата над Вардар. Барса делуваше неверојатно во тоа прво полувреме, но Пасквал мораше да им посочи на своите избраници дека ништо не е готово бидејќи има да се играат уште 30 минути. Нема дилема, и Вардар значително ја крена својата игра, но голем дел од проблемот на Барса беше сопствената немоќ, изостануваа оние комбинаторики од првиот дел со кои секогаш се наоѓаше слободен ракометар за зицер-ситуација. Сето тоа беше заменето со соло-акции, а кога Вардар опасно се приближи, Барселона немаше свој „херој“ што ќе ја преземе одговорноста кога стана најтешко.

И сценариото стана – она фудбалското. Барса „во аут“, а ривалот во финале. Ливерпул синоќа победи во своето финале и се искачи на врвот на Европа, нека го стори тоа вечерва и Вардар.

Се вчитува...