Вардар игра „топло-ладно“: Реми по 30 минути во Порто (13-13)

Порто и Вардар играат со израманети 13-13 по првите 30 минути игра од заостанатиот натпревар од Лигата на Шампионите. Македонскиот првак ги одигра овие 30 минути во стилот топло-ладно, на моменти делуваше фантастично и водеше со четири гола разлика, но потоа следеа и моменти на почетнички грешки што домаќините со контранападите преку Бранкињо експресно ги казнуваа.

Одбраната 5-1 со Дибиров како најистурен им создаваше огромни проблеми на португалските ракометари, Борко Ристовски имаше две успешни интервенции, a ефикасниот напад донесе водство од 1-5 по нецели седум минути игра, принудувајќи го домашниот стратег на експресен тајмаут. „Црвено-црните“ влегоа во серија грешки, Чупиќ промаши и пенал, па домаќините набрзина ја преполовија негативата (3-5). Порто доби на самодоверба, па откако „вардарци“ седум минути беа без постигнат погодок португалскиот првак стигна до израмнување од 5-5, на половина од првото полувреме.

„Постот“ на македонскиот шампион го прекина Вујин со гол од девет метри, а веднаш потоа на спротивната страна следеше и петтата интервенција на Борко Ристовски. Вардар стигна до 5-8, а Никола Митревски на голот на Порто спречи „црвено-црните“ повторно да стигнат до „плус четири“. Порто мораше да премине на „седум на шест“, израмнувајќи на 9-9. Новата загубена топка при обид за додавање до пивот донесе и нов контранапад за домашниот состав, по што Бранкињо со сигурна реализација донесе прво водство на Порто (11-10).

Во игра влезе и Шеваљевиќ, но црногорскиот интернационалец направи грешка во чекори, по што домаќините поведоа и со 12-10. Лошиот настап на Чупиќ продолжи и со промашен зицер од крило, што Митревски мајсторски му го одбрани. Вардар намали на 12-11 преку Шеваљевиќ, негов прв гол во црвено-црниот дрес, а пред самиот крај на полувремето „црвено-црните“ стигнаа и до израмнување на 13-13, по одличната интервенција на Борко Ристовски при „седум на шест“ и реализација на Вујин во празната мрежа на португалскиот првак.

Се вчитува...