Вардар имаше лесен „тренинг“ со Металопластика, четвртфиналето со Загреб е на дофат

Вардар е на добар пат да обезбеди пласман во четвртфиналето од СЕХА-лигата откако „црвено-црните“ славеа рутински со 39-31, на првиот дуел од двомечот против Металопластика. Вториот дуел меѓу двата ривали ќе се игра утре, повторно во Скопје, но јасно е дека „црвено-црните“ по денешниот триумф се на чекор до следната фаза, каде ќе ги очекува пресметка со добро познатиот ривал Загреб.

Металопластика изненади со подобра игра на почетокот од натпреварот, поведувајќи со 4-2, потоа и со 8-7. Серијата одбрани на Кантегрел овозможи Вардар да направи пресврт и да поведе со 11-10, но противникот од Србија парираше се до 13-13. Тогаш „вардарци“ ја направија клучната серија, предводени од Јотиќ (шест гола само во првото полувреме) влегоа во посакуваниот ритам и на одмор заминаа со убедливо водство од 19-14.

Вторите 30 минути донесоа израмнета игра во која двата тима играа ефикасно во нападот, не обрнувајќи преголемо внимание на одбраната, како едвај да чека да дојде до крај на натпреварот, па „црвено-црните“ рутински ја одржаа удобната предност се до конечните 39-31.

Прв стрелец на средбата беше Јотиќ со десет гола, додека Дибиров постигна седум погодоци. Во редовите на Металопластика најефикасен беше Иваниќ со девет постигнати гола.

Се вчитува...