Вардар ја совлада Победа на Градскиот стадион во Штип со 0-1 и ја зголеми предноста на табелата во Првата лига, по осум одиграни кола. Бразилецот Вилијан Лира беше стрелец на погодокот за „црвено-црните“ кои сега имаат 20 освоени бода, четири повеќе од Академија Пандев и пет позитива во однос на Шкендија.
По поразите во минатото коло, Академија Пандев и Шкендија ремизираа без голови на стадионот „Кукуш“ во Турново. Тимот на Ќатип Османи имаше повеќе од играта, но не успеа да постигне погодок за триумф.
Ренова стигна до победа втор натпревар по ред. Шкупи никако да се разбуди и загуби и денеска во Тетово со 2-0. Фатјон Јусуфи во 18.минута го отвори резултатот, а Влатко Стојановски од пенал го потврди триумфот во 54.минута.
Работнички ја прекина серијата порази, но одигра само 1-1 против Беласица на арената „Филип Втори“. Себастијан Херера со фантастичен удар од 30 метри донесе предност за „романтичарите“ во 27.минута, но десет минути подоцна израмни Филип Ивановски. Тој натрча на центаршутот на Милушев од левата страна и од непосредна близина ја затресе мрежата на Ристо Јанков.
Силекс и Македонија ЃП одиграа 1-1 во Кратово. Ѓорчепетровци поведоа со голот на Кристијан Костовски во четвртата минута, а израмни Дарко Алексовски од пенал 83.минута.
Силекс во последните десетина минути играше со играч помалку поради исклучувањето на Емануел Мбела.
ПРВА ЛИГА, 8.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ
АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКЕНДИЈА 0-0
ПОБЕДА – ВАРДАР 0-1
РАБОТНИЧКИ – БЕЛАСИЦА 1-1
РЕНОВА – ШКУПИ 2-0
СИЛЕКС – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-1
Табела: Вардар 20, Академија Пандев 16, Шкендија 15, Победа 11, Ренова 10, Работнички 10, Беласица 9, Македонија ЃП 7, Силекс 6, Шкупи 5.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА