Вардар ја одбрани СЕХА-круната и му наби комплекс на Загреб

ЕКИПА во Брест,

Катерина Павлова Николовска

Вардар останува владетел на регионалниот ракомет откако македонскиот првак го одбрани трофејот во СЕХА-лигата, во финалето совладувајќи го Загреб со резултат 26-23. Роберто Парондо доби уште една тактичка битка со Бранко Тамше, „вардарци“ брзо е разбудија по бавниот старт и сосема заслужено стигнаа до големиот пехар, како награда за одличната сезона. Воедно, овој триумф значеше и набивање на комплекс на Загреб, тим што македонскиот првак го елиминираше од ЛШ, а сега му зеде мерка и во СЕХА-лигата. За жал, победата беше скапо платена со повредата на Дисингер, за кого оваа сезона дефинитивно е завршена.

Тамше се реши за зона пет – еден во одбраната, со Мандиќ како чувар со посебно внимание на Криштопанс, создавајќи им на „вардарци“ многу проблеми во почетните минути. Хрватскиот првак беше подобар во почетните десетина минути, набрзина поведе со 4-7, но тоа се промени откако Роберто Парондо побара тајмаут. Шпанскиот стратег промени неколку детали во играта, па Вардар веднаш делуваше многу подобро на теренот. Со три брзи гола набрзина се стигна до израмнување, а од ритам не беа исфрлени ниту по директниот црвен картон што го доби Мораеш.

Zagreb – Vardar. Final Four – SEHA – Gazprom league, Brest,03.04.2019, Mandatory Credit © Stanko Gruden / kolektiffimages

Тоа значеше влегување во игра на Стоилов, кој со фантастичен погодок израмни на 10-10. Во финишот на полувремето одговорност презеде Кристијан Дисингер, Германецот постигна два гола во низа, но потоа на 11 секунди до крајот – заработи страшна повреда. Левиот бек лошо падна по еден шут и удар од Поточник, ракометарот на Загреб доби црвен картон, но тоа не беше никаква утеха за „вардарци“, кои на подолго време го загубија своето значајно засилување од Кил.

Шокот во играта на „вардарци“ беше очигледен на стартот од второто полувреме, во првите пет минути не беше постигнат ниту еден гол, пред Чупиќ конечно да го најде патот до мрежата на противникот. Клучен момент сепак беше третото исклучување на Мандиќ, кој доби црвен картон, по што се распадна играта во одбрана на хрватскиот првак. Криштопанс многу полесно доаѓаше до позиција за шут, два гола во тој дел од зоната лесно постигна и Скубе, па Вардар умешно се одлепи на десетина минути до крајот (22-18).

Кога на шест минути до крајот Вардар имаше предност од 24-20, напад и играч повеќе, се чинеше дека финалето е решено, но промашениот цепелин на „црвено-црните“ им даде крилја на противниците, кои набрзина намалија на 24-22, а по едно неодговорно додавање на Карачиќ, Хорват од контранапад стигна до 24-23. И повторно кога е најважно за Вардар – тука е Столе Стоилов, капитенот се најде на вистинското место по една одбиена топка и ја смести во мрежата на Загреб, за водство од 25-23 на 90 секунди до крајот од финалето. Тамше зеде тајмаут, но Милосављев го одбрани ударот на Мраковчиќ, со што стави печат на големата победа, изразена со конечни 26-23.

Криштопанс со седум гола беше прв стрелец на Вардар во ова финале, Скубе даде шест погодоци од исто толку обиди, додека Милосављев имаше осум успешни интервенции.

Се вчитува...