Вардар ќе бара „спас“ во Кратово, Силекс, пак, неговиот „скалп“!

По двата едноподруго порази, од Победа и од Работнички, македонскиот шампион се наоѓа во повеќе од незавидна ситуација пред гостувањето против Силекс во 13. коло од Првата македонска фудбалска лига. Токму затоа Вардар безусловно денеска во Кратово ќе бара „спас“ за кризата во која е западната, но и генерално за сезоната со оглед на фактот дека уште еден кикс и тоа како може да се одрази понатака во трката за шампионската титула со Шкендија.

Тимот на Чедомир Јаневски е пред голем притисок  за трите бода, што од друга страна носи ситуација која може и тоа како да ја искористи расположениот Силекс. Кратовци со огромни мотиви го очекуваат дербито, меѓу другото и поради позитивното расположение по претходната победа против Пелистер во Битола.

„Сега во Кратово го пречекуваме најопасниот Вардар, во ситуација кога е максимално мобилизиран за три бода затоа што не смее да си дозволи нов кикс. Но, на нас е само да ја играме нашата игра верувајќи во сопствените квалитети. По онаа победа во Битола сигурно самодовербата е на повисоко ниво, па заедно со домашната публика веруваме дека можеме и денеска до позитивен резултат“ – вели Благој Гуцев.

Главен делител на правдата на натпреварот во Кратово ќе биде нашиот најдобар судија, Александар Ставрев.

ДВОЈКИ – 13. КОЛО (денеска, 13:30 ч.)

Кратово: СИЛЕКС – ВАРДАР

Прилеп: ПОБЕДА – ШКЕНДИЈА

Скопје: РАБОТНИЧКИ – ШКУПИ

Скопје: СКОПЈЕ – ПЕЛИСТЕР

ВЧЕРА

РЕНОВА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 3-1

Се вчитува...