Вардар го направи историскиот подвиг со пласманот во групната фаза од Лигата на Европа, но потоа силно тресна на земја во домашните натпреварувања, губејќи ги двете титули. Остана без трофеј и во првенството и во Купот на Македонија, се раздели со тренерот Чедомир Јаневски, а и вршителот на должноста Бобан Бабунски бележи очајни резултати. Јасно е дека мотивацијата кај фудбалерите одамна не е на потребното ниво, меѓудругото и затоа што најголем дел од нив ќе си заминат од клубот по завршувањето на сезоната.
Ерменскиот интернационалец Хофханес Хамбарџумјан денеска организираше средба со дел од најдобрите пријатели, како знак на разделба. Тој дефинитивно си заминува од „црвено-црните“ редови. Договорите им истекуваат и на искусните Бобан Грнчаров, Никола Глигоров, Дејан Блажевски, на суспендираниот репрезентативец Дарко Велкоски, на Ацо Стојков…Исто така и Нигериецот Битанг има договор до крајот на сезоната, а со опција за можно продолжување.
По ова, јасно е дека Вардар ќе нема костур, откако дозволи претходно да си заминат и репрезентативците Стефан Спировски и Бобан Николов во Унгарија, како и убедливо најдобриот фудбалер во изминатите години, Бразилецот Хуан Фелипе. Ќе останат неколкумина странци со сомнителен квалитет, како Вања Марковиќ, Максим Максимов, па дури и Евгениј Новак, од кои единствено Тигран Барсегјан и понатаму заслужува да го носи дресот на најтрофејниот македонски клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА