Најтрофејниот македонски клуб како никогаш досега во последната декада има можност да запише за себе историја со пласман во групната фаза од едно европско клупско натпреварување. Јасно им е на „црвено-црните“ дека против турскиот Фенербахче ги чека повеќе од тешка задача вечерва од 20 часот на „Телеком арената“, но дефинитивно ниту еден во таборот не планира предвреме да се откаже од можноста за успех. Напротив…
По деновите на „пародија“ во Вардар, со најавите за заминување на Сергеј Самсоненко и оставката на Гоце Седлоски, низ помирни мигови се очекува дуелот со турскиот гигант по назначувањето на Чедомир Јаневски на тренерската функција. Токму Јаневски внесе и дополнителна доза на оптимизам за сите „вардарци“ со ставот дека ова е ретка шанса која не смее туку така лесно да се отфрли.
„Вардар има ретка шанса да биде првиот тим кој што ќе обезбеди пласман во групна фаза од европско натпреварување. Ќе има голема борбеност, и ќе биде умешност да се надигра Фенербахче кој што е голем тим во Турција. Станува збор за одлична екипа со исклучителни индивидуални способности. Меѓутоа и Вардар има шанса да покаже дека има квалитет и сето она што му треба да направи успех во Европа“ – истакна Јаневски.
Сосема еднакво е размислувањето и на капитенот Бобан Грнчаров…
„После првата неуспешна шанса да дојдеме до историјата на Македонија, имаме втора шанса, играме против екипа која што е најдобрата која гостувала во Скопје во последните години. Има доста добри индивидуалци и фудбалери кои со еден потег може да го решат противникот. Имаме две победи на домашен терен, се надевам и на трета. Стадионот ќе биде преполн, нашите верни навивачи „Комити“ знаат како да направат атмосфера и се надевам дека ќе им вратиме со добра игра и со победа. Сакам исто така да го поздравам и новиот тренер Чедомир Јаневски кој со неговото искуство треба да придонесе за уште подобар Вардар. Сум работел со него во репрезентација и станува збор за одличен тренер“ – рече стоперот на „црвено-црните“.
Вистинска мобилизација пред денешниот дуел има и меѓу „Комитите“ кои како никогаш досега се подготвуваат да го наполнат „Запад“. Според последните информации веќе се продадени 2.500 билети за Западната трибина.
Се очекува „Телеком арената“ вечерва да има меѓу 25.000 и 30.000 навивачи, со тоа што на Јужната трибина навивачите на Фенербахче кои имаат билети за овој простор, ќе бидат со тампон зона одделени од вардаровите симпатизери.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА